Саудиска Арабија и ОАЕ подготвени да го зголемат производството на нафта

116

Водечките членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати се подготвени „значително да го зголемат“ своето производство доколку светот се соочи со сериозна криза во текот на зимската сезона, пренесe Ројтерс.

ОПЕК + на почетокот на август одлучи да го зголеми производството на нафта за само 100.000 барели дневно, а причината беше намалениот производствен капацитет на таа група на нафтени извозници. Изјавата се однесува на „многу ограничената достапност“ на резервниот капацитет, што значи дека овие капацитети се чуваат во резерва во случај на „сериозни прекини во снабдувањето“.

Тројца извори на Ројтерс, кои сакаа да останат анонимни поради чувствителноста на темата, рекоа дека Саудиска Арабија и ОАЕ би можеле да произведат „значително повеќе“, но ќе го сторат тоа само доколку се влоши кризата со снабдувањето. Изворите не го прецизираа износот на потенцијалното зголемување, но рекоа дека Саудиска Арабија, ОАЕ и некои други членки на ОПЕК имаат околу два до 2,7 милиони барели резервен производствен капацитет.

Аналитичарите сметаат дека ОПЕК + не гледа логика во додавањето нафта на пазарот во опаѓање.

„Постојат зголемени стравувања од колапс на побарувачката, доколку продолжи сегашниот тренд, дополнителните барели би извршиле несакан притисок врз цените и, во исто време, непотребно ќе ги исцрпат сè помалите резервни капацитети“, рече аналитичарот на PVM, Тамаш Варга.

Повеќето членки на ОПЕК + се мачеа да ги усогласат производствените цели бидејќи тие веќе го имаат исцрпено својот производствен потенцијал по години на несоодветно инвестирање во нови капацитети.