Саудиска Арабија ќе го зголеми производството на нафта ако руското значително падне

72

Саудиска Арабија е подготвена да го зголеми производството на нафта доколку тоа на Русија значително падне поради западните санкции кои и се воведени, пишува Фајненшл тајмс (ФТ), повикувајќи се на добро информирани извори.

Во тек се разговори за тоа дека Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати веднаш ќе го зголемат производството, што би можело да биде објавено на денешниот состанок на групата ОПЕК +, изјавил дипломат, цитиран од Ројтерс.

Групата ОПЕК + ја сочинуваат членки на Организацијата на земјите извoзнички на нафта и нивните сојузници, предводени од Русија.

Зголемувањето на производството, кое е планирано за септември, ќе се одложи за јули и август, изјави соговорникот на британскиот деловен весник.

Саудиска Арабија, најголемиот производител на нафта во ОПЕК, претходно ги отфрли повиците од Вашингтон за зголемување на производството над квотата што таа, како членка на групата ОПЕК +, се согласи во рамките на договорот за постепено зголемување на производството.

Ријад се согласи со предлогот за промена на позицијата и зголемување на производството со цел да се смират цените на нафтата, исполнувајќи го барањето на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, изјавија извори на ФТ запознаени со разговорите.

Саудиските власти дадоа гаранции дека ќе го зголемат производството доколку дојде до криза со снабдувањето на пазарот на нафта, се додава во извештајот.