
Саудиска Арабија ќе продолжи да го намалува производството на нафта за 1 милион барели дневно во дополнителни три месеци од октомври до декември оваа година, одржувајќи ја својата стратегија за поддршка на цените на нафтата, соопшти во вторникот нејзиното Министерство за енергетика.
Саудиска Арабија, која е првиот светски извозник на нафта, најави намалување во јуни, по состанокот на групата ОПЕК+, а од јули го намалува производството, пренесува Бета.
ОПЕК + ја обединува Организацијата на производители на нафта, предводена од Саудиска Арабија, и придружните сојузници, вклучително и Русија.
„Производството на Кралството за месеците октомври, ноември и декември ќе биде околу девет милиони барели нафта дневно“, соопшти Министерството.
Од Министерството додаваат дека оваа стратегија ќе се разгледува месечно и ќе се оценува дали производството дополнително треба да се намалува или да се зголемува.
Таа политика е наменета за поддршка на стабилноста и рамнотежата на нафтените пазари, се додава во соопштението.
Цените на нафтата се зацврстија во јули, првиот месец кога стапи на сила намалувањето на производството во Саудиска Арабија, и надминаа 80 долари за барел, ниво што им е потребно на Саудијците за да го балансираат буџетот, велат аналитичарите.