Саудискиот државен нафтен гигант ги зголемува инвестициите и производството на енергија

Саудискиот државен нафтен гигант „Сауди Арамко“ планира да го зголеми износот што го инвестира во производството на енергија, откако забележа двојно зголемена заработка во 2021 година.

Компанијата има за цел значително да го зголеми производството во следните пет години.

Цените на енергијата скокнаа во последните месеци бидејќи побарувачката ги надмина резервите на нафта и гас.

Војната во Украина и неподготвеноста да се потпре на Русија дополнително го зголемија притисокот за изнаоѓање дополнителни извори на енергија.

Потегот на „Сауди“ веројатно ќе биде поздравен од политичките лидери загрижени за влијанието на високите цени на енергијата, иако инвестициските стимулации се насочени кон зголемување на производството во следните пет до осум години, проценува Би-Би-Си.

Британскиот премиер Борис Џонсон минатата недела ја посети Саудиска Арабија за да се обиде да го убеди Ријад да пушти повеќе нафта на светските пазари.

Саудиска Арабија е најголемиот производител во рамките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и зголемувањето на производството може да помогне да се намалат цените на енергијата, кои моментално се на својот врв во последните 14 години.