Се бара најиновативната идеја за одржлив еколошки транспорт

52

gogreen

Младинската еколошка организација Гоу Грин распишува конкурс за изработка на најдобар есеј на тема: Одржлив транспорт – составен дел од транзицијата кон чиста енергетска иднина во Македонија.

Според организаторот на конкурсот, целта е да се стимулираат младите на иновативност во рамките на одржливиот развој и чистата енергија.

„Секоја година сме сведоци на енормното загадување во земјава предизвикано од производството на енергија од фосилни горива и сообраќајот. Потенцијалот на нашите простори за добивање на енергија од обновливите извори на енергија, вклучувајќи сонце, ветер, вода, почва, како и одржливата инфраструктура за велосипедизам, остануваат и понатаму неискористени. Со едуцирање и поттикнување на младите да размислуваат во таа насока, се обидуваме да придонесеме за промени на свеста во ова поле, на подолг период“, изјави Александар Трпковски од Гоу Грин.

За најдобрата идеја и визија за одржлив транспорт, компанијата ОКТА доделува велосипед. Изборот на најиновативното решение на дадената тема ќе биде во рамките на Саемот за чиста енергија кој што ќе се одржи на 16 и 17 јуни во ЕУ инфо центарот во Скопје.

Со своите визии и знаења ставени во пишувања форма можат да учествуваат сите млади луѓе од 16 до 24 годишна возраст. Според пропозициите на конкурсот есејот треба да биде напишан во Microsoft Word на македонски јазик и да содржи од 350 до 500 зборови. Крајниот рок за испраќање на есејот е 13 јуни (сабота), 16:00 часот на: info@bidizelen.org.