Директорката на српската новинска агенција Танјуг, Бранка Ѓукиќ, ги информираше нејзините колеги и претставници на синдикатот дека Танјуг со 31-ви октомври официјално престана да постои и се брише од регистарот на Агенцијата за економски регистри, пишува Данас.
Таа нагласи дека вработените во српската новинска агенција ќе добијат отпремнина.
Според неофицијални информации, агенцијата ќе работи уште само до крајот на овој месец, пишува Екапија.
Здружението на новинари на Србија (УНС) побара од Владата на Србија да им овозможи на вработените на Танјуг бесплатно да ги добијат акциите на таа новинска агенција, којашто не е приватизирана во законскиот рок.
“Најмалку што можат и треба да направат и дека им се овозможат истите права на вработените во Танјуг како и на новинарите и медиумските работници во другите медиум што се приватизираат и да им овозможат под рамноправни услови да влезат во пазарен натпревар со другите агенции“, се вели во соопштението на УНС.
Рокот за приватизација на медиумите коишто беа во државна сопственост и локалната самоуправа истече на 31-ви октомври. Медиумите коишто дотогаш не добија нов сопственик ќе бидат приватизирани со бесплатна поделба на капиталот меѓу поранешните и сегашните вработени или ќе бидат затворени.