Се очекува добар род на какао, сè уште е рано за проекции на цените

84

Регулаторот на Брегот на Слоновата Коска очекува добар род на какао во сезоната 2024/2025 година, според директорот за домашниот пазар, иако развојот на цвеќето и  плодот сè уште може да биде загрозен од обилни дождови и поплави.

Приносот во главната сезона на жетва треба да биде за 10 отсто поголем отколку во 2023/2024 година, рече Арсен Дејди, директор за домашна продажба на Советот за кафе и какао (CCC).

Првите проекции за родот во 2024/2025 година. одразуваат добри резултати во септември, објаснува Дејди, предупредувајќи, сепак, на обилни дождови и поплави пред три недели во региони кои сочинуваат речиси три четвртини од производството.

„Дождот уништува цвеќиња и мали мешунки и предизвикува кафеаво гниење, што ја загрозува главната сезона на жетва“, изјави тој за Ројтерс.

Извозниците проценуваат дека во  сезоната 2023/2024 г. ќе се соберат околу 1,3 милиони метрички тони какао, во споредба со просечните 1,7 милиони тони во претходните сезони.

Експерт од Меѓународната организација за какао (ICCO) проценува дека жетвата во Брегот на Слоновата Коска во целата сезона треба да достигне два милиони тони, што би претставувало зголемување од 11,1 отсто во однос на претходната сезона. Тоа би значело дека би останал под просекот од 2,2 милиони тони, пренесува Хина.

Директорот на регулаторот на Брегот на Слоновата Коска рече дека сè уште е рано за проекции за целата сезона бидејќи ситуацијата може суштински да се промени на краток рок.

„Денес никој не може со сигурност да каже колку ќе произведеме меѓу април и септември 2025 година. Факт е дека, кога ќе биде исклучен главниот дел од сезоната, никој не може да предвиди каква ќе биде ситуацијата во претсезоната и постсезоната“, изјави Дејди.

Потребни се најмалку 22 недели или шест месеци за цветот на какаото да стане зрела мешунка, што значи дека плодовите од главниот дел од сезоната сè уште не се видливи, објасни тој.