Се очекува Грција да продолжи голем дел од мерките за туристите, меѓу кои и за копнените граници

46

На 31 август истекуваат голем дел од одлуките на грчката Влада што се однесуваат на туризмот и туристите, како што се ограничувањата за одредени земји, затворените копнени граници, обврската за пополнување на PLF формуларот, но веројатно е дека овие мерки ќе бидат продолжени, иако официјалната одлука ќе биде соопштена утре, јави МИА.

“За продолжување на повеќето од овие мерки, ќе има сопштенија утре, на утрешниот брифинг со заменик-министерот за цивилна заштита, Никос Хардаљас. Некои од мерките од локален карактер, кои не е потребно да бидат продолжени, ќе бидат прекинати“, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на МИА, за можност за прекинување или продолжување на конкретните одлуки што се во сила до понеделник.

Во однос на ситуцијата со коронавирусот во Грција, Пецас рече дека и покрај зголемениот број на нови случаи, епидемиолошката слика на земјата е добра, факторот на пренос на вирусот (Рт) за периодот од 20 до 26 август е намален на 0,85, наспроти периодот од 5 до 20 август кога бил над еден.

Според дијагностичките тестови, 10–15 % од случаите се увезени. Повеќето од нив се раширени низ цела Грција, со поголема концентрација во двата големи урбани центри.

Вчера во Грција беше регистриран  рекорд со 293 новозаболени за 24 часа. Од почетокот на пандемијата во оваа земја се регистрирани над 9. 000 заразени и 248 починати како последица на ковид-19.

Фото: Pixabay