Се откажуваат аранжманите за Италија, патувањата во други региони се намалени

91

Аранжманите за 8 март за Италија се откажани поради новонастаната ситуација со корона вирусот, а поради паника и страв има обиди за откажување и на аранжманите за другите региони, велат од Стопанската комора за туризам на Македонија, пренесува МИА.

Оттаму посочуваат дека туристичките компании веќе трпат штети и во моментот не е потребна паника, туку конкретни акции кои треба да се преземат. Реагираат бидејќи немаат конкретни насоки од ресорните министерства како треба да постапуваат во вакви ситуации. Бараат од Министерството за транспорт и врски заедно со авиокомпанијата Wizz Air да заземат став за пролонгирање или рефундирање на уплатените средства за авионски карти за Италија со цел да се обештетат патниците.

Во понеделникот дописи испратиле и до министерствата за здравство и за надворешни работи, но, како што посочија на денешната прес-конференција, од МНР ги исконтактирале вчера, а сè уште немаат одговор од Министерството за здравство.

“Понудите за регионите зафатени со вирусот се повлечени, но имаме откажувања и за другите региони кои не се зафатени. Стравот и паниката се преголеми кај патниците, но и компаниите се во слична ситуација. Затоа вчера испративме допис и до Министерството за економија од каде побаравме да излезат со став за менаџирање во ваква кризна ситуација во услови на виша сила. До овој момент немаме одговор“, истакна Билјана Пејовска – Ристовска, извршена директорка на Комората.

Од Комората велат дека Рим не сака да ги врати веќе уплатените средства за хотелско сместување и ако се враќаат средства, тогаш тоа ќе треба да го направат агенциите на своја рака.

“Само за северна Италија имаме поврат на средства. Бараме барем Wizz Air да ни излезе во пресрет, бидејќи зема субвенции од државата. Двете опции се на маса“, рече новиот претседател на Комората, Емил Димитровски.

Според него, паниката ќе биде доведена до тоа ниво да бидат откажани голем дел од аранжманите со што ќе се направи штета и на патниците и на агенциите.

Во случај доколку се откаже аранжман за патување во другите региони, тогаш ќе бидат применети општите услови за патување.

Фото: Pexels