На Меѓународен инвестициски форум што завршува денес, а на кој учествуваше и претставник од Стопанската комора на Македонија беше потврдено дека на македонските компании им се отвора патот до Туркменистан.
Ова се должи на деловните контакти што домашните компании ги воспоставија со турските бизнисмени за време на форумот.
Според соопштението на Стопанската комора, и практично се спроведува договорот со Унијата на турските комори и берзи (ТОББ) и Одборот за надворешно-трговска соработка на Турција (ДЕИК) постигнат неодамна во Истанбул, за заеднички настап на македонски и турски компании на трети пазари.
Вкупната трговска размена на Република Македонија со Туркменистан во 2012 година достигнала вредност од 2,3 милиони долари. При тоа, остварен е извоз во вредност од 64 илјади долари, додека увозното салдо изнесува 2,2 милиони долари. Евидентиран е негативен биланс во трговската размена од 2,1 милиони долари.
Податоците велат дека од минатата година, во Турменистан се регистрирани околу 600 турски компании. Од независноста на Туркменистан (1991) до денес, вредноста на околу 400 проекти на кои работат турски компании надминува 30 милијарди долари, од кои најголемиот дел се во градежната индустрија, но и во текстилот и туризмот.
Биљана Пеева Ѓуриќ од Стопанската комора за време на форумот се сретна со Елмира Рахманова, раководител за меѓународна соработка во Трговско-индустриската комора на Туркменистан. На средбата се разговараше за воспоставување соработка меѓу двете репрезентативни деловни асоцијации.
Меѓународен инвестициски форум за Туркменистан е под покровителство на претседателот на државата Гурбангули Мердимухамедов, како и на турскиот претседател Абдула Ѓул и е во организација на Туркменистанската трговско-индустриска комора, ТОББ и ДЕИК – Турско-туркменистанскиот деловен совет.