Се поедноставува постапката за пријава на работници на определено време

44

Првпат поднесената пријава важи додека трае работниот однос, односно работодавецот не треба да поднесува пријава или одјава при секое продолжување на договорот за вработување на определено време доколку нема прекин на осигурувањето.
Според министерот за труд и социјала Спиро Ристовски има случаи каде што работниот однос заснован со договор за вработување на определено време се продолжува повеќе пати без прекин, и во таквите случаи тој може да се продолжи со склучување нов договор за вработување или анекс на постојниот договор.
„Првпат поднесената пријава во задолжително социјално осигурување важи се додека трае работниот однос, односно работодавецот не треба да поднесува одјава/пријава при секое продолжување на договорот онаму каде што нема ниту еден ден прекин на осигурувањето“, посочи Ристовски.
Директорката на Фондот за здравство, Маја Парнарџиева-Змејковска, смета дека ова е една голема можност за работодавците и сметководителите. Таа посочи дека тие воопшто не треба да доаѓаат во државните институции и единствено што треба да направат е да евидентираат преку Агенцијата за вработување дека договорот се продолжува.

„Тие воопшто нема потреба да доаѓаат на секои три или шест месеци повторно во Агенцијата, во Фондот и во Пензискиот фонд“, објасни Парнарџиева-Змејкова.