Се повлекува српско пченкарно брашно поради присуство на афлатоксини

45

По направените лабораториски анализи на земените мостри од пченкарно брашно увезено од Србија, во неколку примероци е утврдено присуство на афлатоксин над дозволеното, што не одговара на условите пропишани во Правилникот за општите барања за безбедност на храна ( Службен весник број 118/2005), соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство, пренесува Макфакс.

Станува збор за четириесеттина тони пченкарно брашно, увезено во земјава од Србија преку повеќе увозници, при што поголемиот дел воопшто не бил пуштен во промет, односно се наоѓал во магацините на увозниците. Согласно наредбата на Агенцијата, од пазарот се повлекуваат околу 10 тони пченкарно брашно.

Количините кај кои е утврдено присуство на афлатоксини над дозволеното, ќе бидат уништени или вратени во Србија.

Проверката следела по добиената информацијата преку Системот за рано предупредување на Европската унија – RASFF (Rapid Alert System for Food and Feed) за присуство на афлатоксини во пченката по потекло од Србија, по што инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство ја засилиле контролата со задолжително лабораториско испитување на пченката и производи од пченка на граничните премини и во внатрешниот промет.

Направени се и дополнителни контроли на увозната (замрзната) пченка наменета за исхрана на луѓето, која е по потекло од оваа земја. Земени беа мостри за лабораториско испитување од различни увозници, за кои, анализите покажаа дека не е утврдено присуство на микотоксини – афлатоксини.