Сè што треба да знаете за Signal

36

Откако една од најпопуларните апликации за размена на пораки во светот, WhatsApp најави промена на своите правила за заштита на приватноста, друга помалку популарна апликација се претвори во нејзина сериозна конкуренција. Станува збор за апликацијата Signal, што е бесплатна за размена на пораки и разговори, а фокусот го става на приватноста.

Signal може да се користи на паметни телефони и компјутери, а сè што му треба на корисникот е број од мобилен телефон. Во апликацијата има најразлични стикери, може да се снимаат гласовни пораки и други опции што ги нудат и другите апликации, но Signal е побезбедна.

Апликацијата под ова име е присутна околу три години, а претходно функционирала под името Open Whisper Systems (OWS).

Signal досега го користеле активисти, борци за човекови права, а еден од корисниците е и Едвард Сноуден кој во повеќе интервјуа ја препорачувал апликацијата.

Најголема популарност Signal доби во изминатите недели, а свој придонес во тоа има и Илон Маск. Милијардерот со краток твит “Користете Signal“ направи огромна промоција на апликацијата. Во еден момент била дури и забавена поради огромен прилив на нови корисници.

Со оглед на тоа што апликацијата е бесплатна, нема реклами и ги штити податоците на своите корисници, се поставува прашањето од што заработува? Целиот софтвер на Signal функционира како непрофитна организација, а еден од нејзините основачи е Брајан Актон, кој го напушти WhatsApp откако беше продаден на Facebook, а бил незадоволен од приватноста што апликацијата почнала да им ја дава на корисниците.

Фото: Twitter