Се сменија улогите – компаниите бараат работници, а тие бираат што, каде и за колку ќе работат

211

Како што пандемијата не стивнува, така сè повеќе Американци ги напуштаат своите работни места. Промената на работата е на рекордно ниво во последните две децении.

Во последните две децении, не се случило голем број на Американци да дадат отказ, што од една страна оптимистички зборува за одлуката за промена на деловниот пат и преквалификација, но од друга страна – ваквите потези дополнително ја отежнуваат ситуацијата за компаниите кои се борат да  бидат во чекор со закрепнување на економијата.

Во април, уделот на американските работници кои ја напуштија работата беше 2,7%, според податоците на Министерството за труд, што е скок од 1,6% во споредба со една година претходно. Ова е исто така највисокото ниво од 2000 година.

Преминувањето на работниците на нови работни места и градење нови кариери – ги поттикнува работодавачите да ги зголемат платите и да понудат шанса за напредување, со цел да задржат таленти. Апетитот за промени, изразен меѓу вработените, влева оптимизам кај многу експерти, и покрај високите стапки на невработеност.

Додека значајно ниво на отпуштања, исто така, предизвикува нови трошоци за работодавачите и во некои случаи прекини во бизнисот, економистите велат дека “отстапувањето обично сигнализира здрав пазар на труд, бидејќи луѓето избираат работни места што одговараат на нивните вештини, интереси и приватен живот“.

Едно е сигурно: работниците се посамоуверени по пандемијата. Тие се спротивставуваат на воспоставените норми за бизнис, особено сега – во ерата на масовна работа од дома.

На промена на работата влијаат неколку фактори. Многу луѓе одбиваат да се вратат на работата каква што ја познаваат, преферираат флексибилност преку работа од далечина и не сакаат да бидат во канцелариите, пред да се прогласи крајот на пандемијата.

А како што Ковид – 19 зеде замав, работодавачите не се во позиција да наметнуваат нешто стриктно, пред сè, бидејќи се работи за чувствителна тема, а тоа е здравјето.

Има и социолошки аспекти. Некои работници за време на карантинот сфатиле дека сакаат да се занимаваат со нешто друго, можеби завршиле и онлајн курсеви од дадените области (за кои претходно немале време) и сега се подготвени да ја преориентираат својата кариера.

Од друга страна, во мартовското истражување кое го спровел Prudential Financial Inc., на 2.000 работници, една четвртина од нив рекле дека наскоро планираат да бараат иста работа, но кај друг работодавач.