Се здружуваат најголемите европски банки за да станат конкуренти на Visa и Mastercard

59

Некои од најголемите банки во Европа, меѓу кои се Deutsche Bank, BNP Paribas и UniCredit, иницираат основање на паневропски платен сервис, којшто има поддршка и од официјален Брисел.

Над 30 европски банки и платформи за картички планираат да основаат платен сервис којшто ќе може да им конкурира на американски гиганти како што се Visa, Mastercard или PayPal. Станува збор за Европска платна иницијатива, а нејзиниот претседател, Хоаким Шмалц, истакнува дека идејата е да се создаде европски платен гигант што може да им парира на американските компании, пренесува Financial Times.

Во рамки на иницијативата, чие седиште е во Брисел, има околу 40 експерти за платен промет и трансакции со платежни картички. Почнаа со работа пред околу девет месец, а до септември би требало да направат нацрт паневропски платен сервис што ќе може да се користи за плаќање и во продавници и на интернет, како и за плаќање сметки меѓу индивидуални потрошувачи и за подигнување на готовина од банкомат.

Иницијативата досега примила повеќе од 30 милиони евра од субјекти што ги поддржуваат, а имаат поддршка и од Европската централна банка.

Плаќањата со картички во Европа најмногу се процесираат од компании чии седишта се во САД. Според податоците, четири од пет плаќања со картичка во Европа се обработуваат преку Mastercard и Visa.

Фото: Pexels