Seat ќе лансира ЕВ модели кога цените за развој ќе опаднат

99

Шпанскиот производител Seat во моментов е во сенка на неговиот подбренд Cupra кога станува збор за производството на електрични возила

За разлика од Cupra, која брзо ја електрифицира својата гама, Seat нема електрични возила во сегашната линија, туку е ограничен на plug-in хибриди. Иако електричните возила со брендот на Seat не се приоритет во моментов, шпанскиот производител на автомобили би можел да добие асортиман на ЕВ во иднина кога трошоците за развој ќе се намалат.

И покрај тоа што има пристап до MEB архитектурата на VW Групацијата, Seat сè уште ја нема искористено, а единствениот електричен автомобил е сега веќе прекинатиот Mii Electric. Од друга страна, Cupra веќе го нуди компактниот хечбек Born, по што ќе следува теренецот Tavascan во 2024 година и кросоверот UrbanRevel во 2025 година. Всушност, два од тие модели првично беа планирани да бидат понудени од Seat, но одборот на групацијата VW донесе одлука наместо тоа да оди со поспортскиот и попремиум бренд Cupra.

На прашањето за плановите за електрификација на Seat, шефот за истражување и развој, Вернер Тиц, во изјава за Autocar истакна: „Засега, електрификацијата е сè уште нешто поскапа. Мислиме дека треба да се концентрираме на електрифицирањето на Cupra, а кога ќе се намалат цените на компонентите – батериите и електричните автомобили ќе бидат поевтини – тогаш можеме да разговараме и да размислиме повторно да зборуваме за Seat“.

Seat ќе ја промени понудата во следната деценија

Тиц ја бранеше стратешката одлука да се даде приоритет на Cupra во овој момент, велејќи дека Ѕeat има сосема нов Leon, кој беше претставен во 2020 година, заедно со неодамна фејслифтираните Ibiza и Arona . Остатокот од поставата на Seat ги вклучува теренците Ateca (освежен во 2020 година) и Tarraco (претставен во 2018 година).

Шефот за истражување и развој на Ѕeat, исто така, рече дека Cupra не може да го замени Seat бидејќи двете компании имаат различна клиентела. Тој спомна дека преклопувањето помеѓу клиентите на Seat и Cupra е само 10-15 проценти, додека „речиси нема преклопување“ со другите марки од групацијата VW.

Минатата година имаше извештаи дека Seat и Cupra ќе споделуваат помалку модели во иднина, зголемувајќи ја разликата меѓу нив. Сепак, и двете марки ги набавуваат своите компоненти од VW Групацијата, што ги прави неизбежни моделите поврзани со механички аспекти, иако делумното споделување нема да дојде до степенот на постоечките Ѕeat/Cupra Leon или Ateca.

Со тоа што Европа се подготвува за забрана за продажба на конвенционалните возила во 2030-тите, Seat неизбежно ќе мора да се префрли на струја во одреден момент во наредните години, бидејќи сегашните модели ќе се движат кон крајот на нивниот животен циклус, а конкуренцијата во Европа се приклучува на трката за електрификација.

Преземено од Avtoplus.mk