Седми пакет мерки за текстилците или 10.000 работници ќе останат на улица

Текстилната индустрија на удар од пандемијата. Локдаунот во Германија и во останатите земји на ЕУ, каде што македонските компании од овој сектор извезуваат останаа без традиционалните нарачки. Магацините, моловите, бутиците се полни со стока, за да се добијат нови нарачки за шиење кошули, панталони, здолништа ќе мора да се почека, кога тамошните економии ќе заживеат и ќе се вратат во нормала. Проценките се дека службените бели кошули повторно ќе се шијат по две години. Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи, а воедно и менаџер на светиниколската конфекција Мода, која е и најголемиот работодавач во оваа градче, во срцето на Овче Поле во интервју за МИА вели дека за спас на оваа индустрија и на 10.000 работни места потребен ќе е седми пакет на мерки. Забележува дека ситуацијата е комплексна и има разлика од компанија до компанија.

“Прво ова што задоцни петтиот сет на мерки, можеби нема да направи голем проблем, ако компаниите сега ги добијат овие средства, бидејќи ние сите поднесовме барање и гледам дека нашите барања сè уште не се одобрени. Затоа што во УЈП претпоставувам има многу барања, коишто мора да се обработат, да се проверат податоците, критериумите дали ги исполнуваат, а од друга страна во УЈП сега нивните ИТ техничари имаат многу работа, во исто време се прават пресметките за одредена добивка во 2020, за враќање на помошта дел, лани што е земена. Така што ние како работодавачи мора да бидеме свесни за тоа, дека неколку дена ќе задоцни, но многу е важно помошта да се добие, бидејќи загубите што ги остваривме овој период, навистина се огромни. Сега ја правев анализата за трите месеца, 300.000 евра имаме помалку приходи во споредба со лани во овој истиот период. Загубата е над 100.000 евра, сето она што се случуваше на германскиот пазар, големиот локдаун, навистина влијаеше на нашите компании, од друга страна ситуацијата и понатаму е многу неизвесна, никој не може да каже дали во Германија за еден или два месеца ќе почне да се отвара нивната економија или дали тоа ќе трае и понатаму. Имав разговор со една бизнисменка од Штип, која работи за Германија, таа е многу уплашена, бидејќи нивните газди велеле дека до септември нема шанси да се отвори, заради зголемиот број заразени во Германија. Гледаме дека во Германија вакцинацијата оди многу споро и многу мал процент се вакцинирани“, вели Димитров.

Истакнува дека најмалку 30 % од вработените во текстилната индустрија, а тоа значи околу 10.000 луѓе ќе останат на улица, ако прво ситуацијата продолжи и понатаму вака, ако локдаунот во Германија трае до крајот на јуни и ако нема помош за април, мај и јуни.

Фото: Pixabay