За да се изгради куќа треба многу пари. Но, не и во овој случај. Овде наместо пари е потребна само добра идеја. Во продолжение погледнете архитектонски решенија на живеалишта направени од материјали кои се земени – од отпад!
Куќа од пластични шишиња
Оваа куќа е изградена од преку 1.200 пластични шишиња и 1.300 Тетра Пак картони. И мебелот, заедно со креветот се изработени од пластичен отпад и фрлен смет. Куќата се наоѓа во Аргентина.
Куќа од автоделови и сообраќајни знаци
Некогашна напуштена стоковна куќа во Беркли, Калифорнија, доживеа трансформација откако тим еколошки освестени архитекти ја претворија во станбена зграда. Оригиналноста на овој објект се состои во тоа што за негово опремување се користени авто делови и сообраќајни знаци од депонии. Архитектите ги почитувале принципите на нискоенергетска градба, па големите прозорци се свртени кон југ за да пропуштаат сончеви зраци во зима, додека исполираните и прилагодените сообраќајни знаци лете прават сенка и штитат од прегрејување. Зградата е одлично термоизолирана и тоа со стари иситнети и густо набиени телефонски именици и стари весници. Столаријата и паркетите се направени од локално достапни дрва.
Куќа авион
Американката Џоен Јусери, која останала без дом поради временска непогода, со мал, ограничен буџет морала да се снаоѓа потпирајќи се на својата креативност. Се одлучила за необична опција и купила неупотреблив боинг 727 од компанијат Continental Airlines за 2.000 долари. Таа својот дом го нарекува “Малиот Трамп”, затоа што своевремено приватниот авион на Доналд Трамп беше исто така боинг 727.
Куќа “Манифесто”
Куќата “Манифесто” нуди многу комоција со оглед на тоа дека е изградена од бродски контејнери и дрвени палети. Куќата се наоѓа во Чиле и изградена е од два големи контејнери обложени со дрвени палети кои ја штитат од прегрејување и овозможуваат циркулација на воздухот. Од еколошки аспект, куќата ги задоволува сите критериуми – одржлива е, минимално ја оштетува околината, а за греење и ладење користи геотермална топлинска пумпа.
Куќа силос
Силосите не се веќе само објекти за чување жито. Овие кружни ѕидови, избетонирани подови, железни конструкции што може да се рециклираат, лесно можат да се претворат во дом кој е отпорен на оган и на термити, водоотпорен е и енергетски ефикасен. Дури можат да се наредат неколку еден до друг или пак еден врз друг и така да се добие поголема квадратура. Мора да признаете дека добро изгледа.
Куќа од шишиња за пиво
Оваа неверојатна куќа е изградена од шест милиони рециклирани пивски шишиња. На сопственикот од Буенос Аирес му беа потребни 19 години за да ја направи.
Дворец од отпад
Овој дворец е изграден од делови од автомобили и метален отпад. Материјалите за неговата изградба чинат само 500 долари. Дворецов се наоѓа во Вашингтон и е направен во 1960 година.