Седум руски банки ќе бидат исклучени од SWIFT во рок од 10 дена

139

Европската унија одлучи да ги исклучи клучните руски банки од SWIFT – светскиот доминантен систем за размена на финансиски пораки, објави претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен на својот официјален профил на Твитер. Станува збор за седум банки: VTB, Bank of Russia, Bank of Discovery, Novikombank, Promsvjazbank, Sovkombank и VEB Bank.

Според ЕК, оваа мерка ќе спречи седум руски банки да вршат финансиски трансакции низ светот на брз и ефикасен начин.

„Мерката ќе стапи на сила во рок од 10 дена. Ова ќе им даде на SWIFT и другите оператори краток преоден период за спроведување на мерката, што ќе ги ублажи сите можни негативни влијанија врз компаниите и финансиските пазари во ЕУ. Во зависност од однесувањето на Русија, Комисијата е подготвена да додаде уште руски банки за краток временски период“, се вели во соопштението.

Тие посочија дека одлуката била тесно координирана со меѓународните партнери на ЕУ, како што се САД и Обединетото Кралство.

Лајен оцени дека ЕУ „со брзина на светлината“ усвои три бранови строги санкции против рускиот финансиски систем, неговите високотехнолошки индустрии и корумпираната елита.

„Ова е најголемиот пакет санкции во историјата на нашата Унија. Одлуката за исклучување на клучните руски банки од мрежата SWIFT ќе испрати уште еден многу јасен сигнал до Путин и Кремљ“, рече Лајен.

Европската унија исто така забрани инвестиции во проекти кои се кофинансирани од Рускиот фонд за директни инвестиции, а забранета е и испорака на банкноти на евра во Русија.

„Унијата е обединета во својата солидарност со Украина и ќе продолжи да ја поддржува Украина и нејзиниот народ заедно со нејзините меѓународни партнери, вклучително и дополнителна политичка, финансиска и хуманитарна поддршка“, се вели во соопштението на ЕК.