Сега оружјето ќе може и да се „печати“

27

Кога сакате (легално) да купите оружје, првото нешто што во паѓа напамет е – поседувањето на дозвола. Потоа размислувате за тоа во која лиценцирана продавница можете да го купите она парче оружје што го сакате. Точно?! Па не сосема…

Он-лајн здружението Defence Distributed неодамна објави дека ќе почне бесплатно да произведува и дитрибуира планови за 3Д печатење на сопствено оружје. Имено, здружението најави дека со помош на новата технологија на Stratasys, компанија која се занимава со изработка на модели за 3Д печатење, луѓето ќе можат сами, преку Интернет во удобноста на сопстваниот дом, да си нарачаат технички план за изработка на оружје, (како пиштол на пример), и потоа едноставно да си ’кликнат принт’, со што нивното оружје ќе може да се ’испечати’ на една од машините кои Defence Distributed ги има нарачано од производителот Stratasys.

Овој концепт на бизнис од типот ’направи-сам’ очигледно профункционирал со оглед на тоа дека Defence Distributed добила огромен број на барања за нарачка на ваквите 3Д планови.

Сепак, приказната добива поинаков заплет кога челниците на Stratsys дознаваат дека нивната технолошка машина за 3Д моделирање вредна 20.000 УСД ќе биде употребувана за „нелегално“ правење на оружје и одлучуваат да ја повлечат машината од употреба, со образложение дека истата ќе се употребува во активности кои не се во согласност со пропишаната употреба на оваа нова технологија.

На крајот тоа и се случило – компанијата Stratsys ја повлекла машината што предходно им ја продала на Defence Distributor со правно образложение дека компанијата нема да дозволи, со оглед на тоа што има информации за каква цел технологијата е набавена, понатамошно сквернавење на добрата волја на изградениот бренд.

Но целата приказна несомнено повлекува една друга дилема за претприемачите и потенцијалните купувачи: дали воопшто постојат, и ако постојат до каде се границите на употребата на некоја иновација?

Неколку секојдневни примери за тоа се случаевите кога видеографичарите откриле дека нивните видео-камери опремени со технологија за ноќна визија понекогаш се користат за ’ѕиркање’ под облеката на луѓето, безбројните примери кога Интеретот се користи за нелегално копирање на одредени содржини или дистрибуирање на детска порнографија, како и најновите примери за користењето на т.н. „смарт телефони“ во терористички цели.

Од друга страна пак, кој може да ви забрани чепкалките за заби, спајалиците за документи, малите разнобојни ластици за држење или пак старите делови од мебел да ги искористите на еден нов, покреативен начин со што ќе добиете сосема поинаква- иновативна форма од првично предвидената?!

Никогаш немојте да претпоставите дека вашиот начин е единствениот начин на исползување на работите, ниту пак да се ограничите од претпоставките дека другите пазарни сегменти нема да ви донесат поголема употребна вредност од користење на некоја иновација.