Околу 200.000 жители на Македонија боледуваат од подмолната болест дијабетес којашто директно предизвикува сериозни проблеми со видот, алармираат од Специјалната очна болница Деница од Скопје по повод Светскиот ден на дијабетесот.
И овој 14-ти ноември, Светот го обележува денот на дијабетесот преку глобална кампања, промовирана од Светската здравствена организација (СЗО) за да се зајакне свесноста на граѓаните за потребата од засилена грижа за превенција на оваа болест.
Според светската статистика, оваа болест последните години доживува рапиден раст и од неа боледуваат околу 450 милиони луѓе во светот.
Доктор Наум Трпеноски од Специјалната очна болница Деница советува сите лица што страдаат од дијабетес да направат навремена контрола на видот. Видот е еден од позначајните здравствени аспекти кој страда како последица токму на оваа болест.
Многу лица со дијабетес имаат проблеми со видот. Нарушувањата на видот почесто се јавуваат кај долгогодишните дијабетичари и кај оние пациенти кај кои регулацијата на шеќерот во крвта е несоодветна. Токму поради овие причини, за лицата со дијабетес многу е важно да не ги занемаруваат проблемите со видот и редовно да одат на прегледи кај офталмолог. Најчестите промени кај дијабетесот се јавуваат на крвните садови на мрежницата на окото и на очната леќа.
Забележано е дека кај дијабетичарите лесно и често се развиваат и промени на очната леќа во смисла на катаракта.
“Важно е да се знае дека, во денешно време, со помош на напредните методи на дијагностика и лечење, сосема мал процент луѓе заболени од дијабетска ретинопатија има сериозни проблеми со видот. Правовременото откривање на дијабетската ретионпатија е најдобриот начин за да се спречи губитокот на видот“, вели др.Трпеноски.
Дијабетесот е болест на организмот која се јавува кога човечкиот организам не успева правилно да го користи и да го складира шеќерот, што резултира со оштетувања на крвните садови во мрежницата на окото, но и со други оштетувања.
Диајбетската ретинопатија настанува кога поради зголемена концентрација на глукоза во крвта доаѓа до оштетување на малите крвни садови во мрежницата на окото (ретината). Болеста е прогресивна и поминува низ неколку стадиуми.