Септември и октомври се очекуваат првите чартери на релација Софија – Охрид

31

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) од 13-ти до 15-ти февруари ја презентира туристичката понуда на Македонија заедно со 12 ко-егзибитори на најголемиот настан во туристичката индустрија во Бугарија, којшто се организира по 37-ми пат Holiday & Spa Expo, стои во соопштението.

Можностите за промоција на туризмот АППТ ги промовира заедно со општините Дојран, Струга, Крушево, Струмица и делегација од повеќе од триесетина туроператори и хотелите Аурора, Изгрев, Силекс, Гогов, Сириус, Парк, Маива, Мизо и туристичката агенцијa Глобус Травел.

“Бугарскиот туристички пазар е еден од најзначајните за туристичкото стопанство на Северна Македонија. Профилот на туристи од Бугарија кои патуваат во нашата земја вклучува посетители чија старосна граница е околу 35 – 45 години, патуваат организирано (фамилијарни посети), а го посетуваат Охрид, Скопје, Струмица, Делчево, Крива Паланка. Најчесто патуваат за одмор и еднодневни екскурзии во источниот регион на нашата земја, гастрономско уживање, посета на манифестации и верски туризам“, изјави директорот на АППТ, Љупчо Јаневски.

“Веќе подолг период сме во преговори за поврзување на Северна Македонија и Бугарија, оваа година за септември и октомври се очекуваат првите чартери на релација Софија – Охрид”, додаде тој.

Придобивки од нашето учество на Holiday & Spa Expo е вмрежување и деловни контакти со големи туристички компании низ целиот свет, нови можности за инвестирање и проширување на работа во туристичкиот сектор, учество на конференции, панел дискусии и настани поврзани со иднината и перспективите на туристичкиот сектор, место каде може да се обезбедат договори за испорака на производи и услуги. Саемската манифестација нуди одлична можност да бидеме во тек со најновите трендови и можности за бизнис во туристичкиот сектор, како и набљудување на конкурентното опкружување во регионот и пошироко.

Меѓународната туристичка берза Holiday & Spa Expo е во календарот на најзначајните настани во туристичкиот бизнис веќе 37 години како најрепрезентативен туристички настан во Бугарија, а на кој се промовираат повеќе од 60 дестинации и туристички региони со учество на 20.000 професионалци и посетители.

Промоцијата на македонските туристички дестинации на бугарскиот пазар секако ќе го зголеми бројот на туристи од Бугарија, кој изнесува 7% раст кај туристите и 5% зголемување на ноќевањата во 2019 година. Целта за 2020 година е раст на странските туристи од 5-7% ,остварени ноќевања со раст од 10% односно 1,3 милиони туристи, што поблиску до четири милиони ноќевања и 420 милиони девизен прилив од туризмот.