Сертификатите за вакцинирани се готови – следната недела ќе се издаваат ретроактивно

87

Министерот за здравство Венко Филипче, во синоќешното интервју на ТВ Сител посочи дека нашата држава веќе има изготвено сертификат, по насоки на ЕУ, со посебен код кој ќе послужи на граѓаните да патуваат во Грција, откако тамошните власти ќе донесат и официјална одлука за тоа.

Според најавите кои Филипче ги доби од грчкиот министер за туризам Харис Теохарис тоа се очекува да се случи на 14 мај. Освен сертификат за вакцинација, граѓаните кои не се вакцинирани ќе може да патуваат и со потврда за негативен ПЦР тест кој може да го направат во една од 20-те лаборатории кои имаат дозвола од Министерството за здравство.

Тоа што би требало да се бара при премин на границите се потврда или за примена вакцина за што ние имаме спремна потврда со соодветен код, кој ќе биде прифатен на сите гранични премини. Тој сертификат е подготвен и на почеток на следната недела, веќе во понеделник ќе се издава ретроактивно на сите лица кои се ревакцинирани. Доколку граѓаните не се вакцинирани, вториот услов е негативен ПЦР тест. Ние имаме листа од 20-тина овластени лаборатории кои стручната Комисија на МЗ и дел од Комисијата за заразни болести утврдиле дека работат во соодветни стандарди и тие лаборатории со издаден ПЦР тест, се разбира доколку е тој негативен, граѓаните ќе имаат можност да влезат во Грција. Сега чекаме и официјална потврда, а секако ја следиме и епидемиолошката состојба“, изјави Филипче

Дали со една доза на вакцината AstraZeneca ќе може да се патува во странство, министерот посочи дека таква одлука сè уште нема, но таква одлука има и така функционира Велика Британија.

“Таа тоа го дозволи поради две работи, прво за пократко време да бидат вакцинирани што поголем број граѓани, но во исто време потврдувајќи дека само една доза создава сосема доволна количина на антитела и веќе 2-3 недели после вакцинацијата граѓаните се целосно заштитени“, рече министерот.

Филипче истакна дека тоа што ќе ја смени сликата во однос на динамиката и на вакцинирање во Скопје и во другите градови е големата количина на вакцини од Кина што треба да стигне до крајот на месецов, како и дополнителните капацитети, односно спортските сали кои веќе се подготвуваат во шест градови во државата каде ќе се спроведува масовна имунизација.

Фото: Facebook