
И ова лето голем број млади заминаа на сезонска работа во соседните држави. Освен во Хрватска која е најатрактивна за сезонците поради повисоките плати и условите кои ги нуди, тука се и Црна Гора, Албанија, Грција и Бугарија. Платите на сезонските работници во овие земји се движат од 1.000 евра па нагоре и се повеќе од двојно повисоки од оние кои ги земаат во Македонија. Освен тоа, работата на море е особено атрактивна за младите кои ја комбинираат со летниот одмор.
Се проценува дека поради заминувањето на работниците на сезонска работа во странство ќе имаме недостаток од околу 15 илјади работници. Овој недостаток ќе го покриваме со увоз на работници од Непал, Бангладеш, Пакистан… каде платите се далеку пониски од нашите.
-Трендот за одење на сезонска работа на море, особено кај младите угостители продолжува. Најголем интерес има за Хрватска, но и за Црна Гора, Албанија, Грција, Бугарија…. И оваа сезона од крај на март до крај на октомври околу 15 илјади Македонци ќе бидат привремено работно ангажирани во Хрватска претежно во угостителството, но и во сервисните и услужните дејности. За жал, овој тренд ќе продолжи и во наредните години сè до моментот на изедначување на платите во Македонија со оние во соседните држави, велат од агенциите за посредување при вработување во странство, пишува Локално.мк.











