Шампањ ги “скара“ Русија и Франција

54

Француските производители на шампањ упатија остри критики за новиот руски закон за означување на пенливи вина, повикувајќи на запирање на извоз во Русија.

Законот, којшто минатата недела го потпиша рускиот претседател Владимир Путин, бара од сите странски производители да го користат терминот “пенливо вино“ и тоа само на ознаката на задниот дел од шишето, а не и на предниот.

Руските производители, пак, ќе смеат и понатаму да го користат само називот shampanskoye.

Здружението на француски производители на шампањ ги повикаа сите членови да ги запрат сите испораки кон Русија, истакнувајќи дека називот “шампањ“ е поврзан со регионот во којшто се произведува и ужива правна заштита во 120 земји.

“Одборот за шампањ остро го осудува фактот што законот на руските потрошувачи не им гарантира јасна слика и транспарентни информации околу потеклото и карактеристиките на виното“, порачале од Здружението.

Францускиот министер за трговија, Франк Рестер, изјави дека внимателно се следи новиот руски закон и е во контакт со производителите на вино и европските партнери на Франција.

Moet Hennessy, производител на некои од најпознатите брендови на шампањ, како што е Dom Perignon, објави дека ќе го почитува новиот закон и ќе го додава називот “пенливо вино“ на задниот дел од шишињата што ќе патуваат за Русија.

Фото: Pexels