Шеф на енергетска компанија: Германија нема целосно да се опорави од кризата

8

Германската индустрија веројатно нема целосно да се опорави од кризата предизвикана од војната во Украина поради високите цени на увезениот течен природен гас, предупреди шефот на мултинационалната енергетска компанија RWE Маркус Кребер.

„Цените на гасот во континентална Европа, а особено во Германија, денес се структурно повисоки бидејќи, на крајот на денот, ние сме зависни од увозот на ЛНГ“, изјави Кребер во интервјуто објавено за „Фајненшл тајмс“.

„Германската индустрија е во полоша позиција“, заклучува првиот човек на RWE. „Малку ќе закрепне, но мислам дека ни претстои значително структурно уништување на побарувачката во енергетски интензивните сектори“, додава тој.

Цените на гасот сè уште се повисоки од 2019 година.
Цените на гасот во Европа се намалени за 90 отсто од рекордните највисоки нивоа во 2022 година, но се над просекот од пред кризата и речиси две третини повисоки отколку во исто време во 2019 година, според податоците од тракерот за цените на суровините Аргус, пренесува Индекс хр.

Шефот на РВЕ смета дека канцеларката Ангела Меркел направила грешка во 2011 година, донесувајќи одлука за затворање на нуклеарните централи и ограничувајќи ја алтернативата за увоз на руски гас преку цевководи.

„Кога точно знаете што сакате да затворите, веднаш треба да почнете да размислувате за нова технологија“, истакна тој.

„Индустријата се врти кон САД“
Компаниите и инвеститорите ја проверуваат состојбата во другите земји кои нудат поволни субвенции и пониски цени на енергенсите.

Индустријата се свртува кон САД за „кохерентна и сеопфатна“ политика која треба да обезбеди враќање на индустриското производство, објаснува Кребер.

„И Европа го сака тоа, но сè уште нема вистинска мерка“, заклучува тој.

Германските компании објавија рекордни 15,7 милијарди долари капитални инвестиции во американски проекти минатата година, приближно двојно повеќе од 2022 година, покажуваат податоците на подружницата на FT, fDi Markets.