Шефот на Ферари веќе се провози со нивниот прв електричен автомобил

Бенедето Виња седна на тест модел на раниот прототип на Ferrari со електрични мотори, а го очекуваме претставувањето на првиот официјален модел по две години.

Иако првиот модел на Ферари со електромотор не се очекува уште две години, компанијата неодамна направи голем чекор кон електрификација. Поточно, го направи нивниот извршен директор Бенедето Виња кој се пофали со тест возење на раниот прототип на нивниот електричен автомобил. Секако, не откри детали за тоа бидејќи сè уште се работи за проект кој се развива далеку од јавноста и зад затворени врати, но нагласи дека е презадоволен од своето искуство во возењето електрично Ферари.

Говорејќи за Bloomberg за електрификацијата, како и за иднината и еволуцијата на овој легендарен бренд, кој го презеде пред две години, тој го истакна големиот ентузијазам и генијалност кај сите сектори на компанијата, од истражување и развој до производство. Сето ова гарантира возбудлива иднина со нови луксузни модели во кои голем акцент ќе биде ставен на електрификацијата, која вклучува хибриди.

Планот на компанијата е уделот во продажбата на хибриди до 2026 година да биде 55 отсто и веќе се на добар пат не само да ги остварат, туку и да ги надминат тие планови. Во вториот квартал од оваа година хибридите учествуваа со дури 43 отсто од вкупната продажба на возилата на Ферари, а јасно е дека оваа бројка треба да се зголемува со секој квартал.

Покрај развојот на првото електрично возило, Ферари гради и фабрика во која треба да се произведуваат сите идни електрични модели на оваа марка, но и хибриди. Фабриката се гради во Маранело, на северот на Италија, а се очекува да биде функционална до јуни следната година. Исто така, како дел од електрификацијата, Ферари веќе договори партнерство со добавувач на батерии, чие име Виња не сакаше да го открие во интервјуто, но нагласи дека примарни услови за партнерството биле компетентноста и иновативноста.

Ферари, според тоа, го подготвува теренот за иднината во која ќе доминираат електричните возила, иако италијанската компанија не сака да се откаже ниту од автомобилите со мотори со внатрешно согорување. До крајот на оваа деценија учеството на нивните возила во вкупната продажба би требало да биде околу 20 отсто, додека електричните и хибридните автомобили ќе заземаат по 40 отсто, според нивните интерни планови.

Фото: Pixabay