Шел најави отпис на средства од пет милијарди долари по напуштањето на Русија

77

Британскиот нафтен и гасен гигант Шел денеска соопшти дека по напуштањето на Русија поради инвазијата врз Украина, очекува да отпише имот до пет милијарди долари, повеќе отколку што првично проценуваше.

Компанијата првично го процени отписот, по оданочувањето, на 3,4 милијарди долари.

Проценката е зголемена поради потенцијалните дополнителни трошоци поврзани со договори, отпишани побарувања и загуби од кредити во Русија, објасни портпаролот.

Од компанијата посочуваат дека отписот нема да влијае на нивните деловни резултати.

Напоменуваат и дека во првите три месеци од годинава забележале „многу значителен“ одлив на обртен капитал, од околу седум милијарди долари, поради промените во вредноста на резервите на нафта и гас.

Тоа негативно ќе влијае на нашиот готовински тек од јануари до март, додаваат претставници на компанијата.

Тие наведуваат и дека во тој период префрлиле меѓу 7,7 и 8,3 милиони тони гас во течна состојба и оти очекуваат поголеми приходи од трговијата со течен гас во однос на претходните три месеци.

Приходите од трговијата со нафта ќе бидат „значително повисоки“, додаваат тие.