Шест клучни откритија и потфати во 2020 година

62

Годината што изминува некои ја опишаа како толку грда што треба да се избрише. Пандемијата на коронавирус којашто однесе скоро 1,7 милиони животи ја обележа 2020 година. Сепак, на крајот на оваа тешка година, се покажа “светло на крајот од тунелот“ поради вакцинации што веќе започнаа во некои земји. Покрај вакцините хрватски Јутарњи лист издвојува и други научни и технолошки достигнувања што ја одбележаа 2020 година.

Првата вакцина против коронавирусот

Кина на 31 декември 2019 година ја извести Светската здравствена организација (СЗО) за појавувањето на мистериозна респираторна болест, во градот Вухан која подоцна беше наречена Ковид-19. Создавањето на вакцина почна уште во јануари, кога кинеските научници објавија мапа на геномот на коронавирусот што ја предизвикува болеста. Обично развивањето нова вакцина трае околу 10 години, но поради пандемијата, немавме толку време. Првите клинички испитувања на луѓе почнаа во март, а сега се тестираат дури 67 вакцини, од кои 17 се во последната фаза на клиничките испитувања. Вакцините изработени од Pfizer и BioNTech и на Moderna веќе се одобрени во некои земји и се во употреба.

Први летови на леталото Crew Dragon со човечки екипаж

Астронаутите Даг Харли и Боб Бенкен од НАСА влегоа во историјата на 31 мај кога станаа првите луѓе што слетаа на Меѓународната вселенска станица со леталото Crew Dragon на компанијата SpaceX, во сопственост на Илон Маск.

Тоа било првиот лет на астронаути на Меѓународната вселенска станица со американско летало во последните девет години. Од 2011 година астронаутите стигнуваа до Меѓународната вселенска станица исклучиво со вселенската ракета Сојуз од космодромот во Казахстан.

Три земји испратија вселенски летала на Марс

Во текот на летото дури три мисии се упатиле кон Марс. Леталото Hope, односно Ал амал, е првата меѓупланетарна мисија на арапскиот свет. Станува збор за орбитер испратен од Обединетите Арапски Емирати, а кој на Марс ќе стигне пролетта 2021 година.

Tianwen 1 (во преводПрашања до небото) е првото кинеско вселенско летало лансирано кон некоја планета. Во рамките на мисијата Кина направила орбитер, слетувач и ровер, кој има радар за барање вода под површината.

На крајот, НАСА го испрати роверот Perseverance, кој е опремен со 23 камери, а има и два микрофона, така што првпат ќе слушнеме звуци од разредената атмосфера на Марс. Роверот ќе бара траги од можен живот на Марс во минатото.

На Венера откриен гас во кој може да има живи организми

Во атмосферата на Венера има траги од фосфин, гас кој на Земјата се поврзува со постоењето на живи организми, објавија британски научници во септември во списанието Nature Astronomy.

Решена е мистеријата за Стоунхенџ

Со векови експертите се обидувале да го утврдат географското потекло на камењата користени за изградбата на Стоунхенџ пред илјадници години. Ова лето тимот на Дејвид Неш од Универзитетот на Брајтон го открил местото од каде што потекнуваат 50 од вкупно 52 големи камени блокови. Анализирајќи го хемискиот состав, научниците заклучиле дека тие потекнуваат од Вест Вудс, 25 километри северно од Стоунхенџ. Останува мистерија како овие камени блокови биле преместени до сегашната локација. Ова откритие беше објавено во Science Advances.

Да не ги заборавиме климатските промени

Во секое зло има и добро, па така оваа година емисиите на јаглероден диоксид низ светот се намалиле за 7% во споредба со 2019 година. Тоа е најголемо намалување на испуштањето на гасовите од Втората светска војна, а е последица на намаленото производство во фабриките кои испуштаат штетни гасови. Податоците покажуваат дека падот на емисиите е особено изразен во САД (12%) и во ЕУ (11%).

Меѓутоа, глобалното затоплување е долгорочен процес и нема да се реши толку брзо. Температурата ќе продолжи да расте дури и ако целосно запрат емисиите на јаглероден диоксид.

Фото: Pixabay