Школа за бизнис планови за развој на туризмот во Охрид

24

Панорама_на_ОхридВо рамки на летната школа на мрежата Решица која започнува денес, 23 студенти последипломци од 11 држави ќе изготвуваат бизнис планови за одржлив развој на туризмот на Охридското Езеро, на тема Социјално претприемништво, социјални иновации, социјални бизнис модели.

Низ процесот на дизајн на успешни бизнис модели за општествено претприемништво, студентите ќе бидат потпомагани од професори од Германија придружени од македонски колеги.

“Мрежата во изминатите четири години од основањето организираше повеќе од 15 летни школи и искуството покажува дека соработката на студенти од различни земји може да придонесе за регионален пристап кон проблемите и можноста младите претприемачи да придонесат за економски развој на регионот. Фактот дека ДААД – Агенција за германска академска размена финансиски ја поддржува работата на мрежата од година во година е уште еден доказ за успешноста на соработката”, изјави проф. д-р Петер Шулте, предавач во рамки на школата и советник за меѓународна универзитетска соработка од Институт за европски прашања со седиште во Дортмунд.

Ваков тип на школа во Македонија се одржува за првпат, а од Факултетот за деловна економија и организациски науки при Универзитетот Американ колеџ, кои ја поддржуваат школата, се надеваат дека таа ќе претставува поттик за инвестирање во добросостојбата и човечкиот капитал по примерот на европските економии.