Шпанија отвори нови можности за македонскиот туризам

62

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) оваа година за прв пат учествува на саемот за туризам во Мадрид, Шпанија, којшто се одржува по јубилеен 40-ти пат. На саемот каде има над 10.000 егзибитори од 165 земји, АППТ туристичкиот потенцијал го претставува заедно со четирио ко-егзибитори на интернационалниот саем на кој акцентот е ставен на бизнис заедницата која ја претставуваат околу 140.000 професионалци.

Во првите два дена од саемот се одржаа 150 состаноци на штандот на АППТ на кој коегзибитори се Балкан прајм тур, Бохемиа, Тоуринг Мацедониа и Максан травел.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот оствари бројни состаноци со компании од својот домен кои нудат асистенција при промоција на туристичките потенцијали. Маркетинг агенти, блогери, инфлуенсери од Шпанија, Португалија, Латинска Америка изразија желба за да ја промовираат Македонија во нивните земји, додека маркетинг агенциите за дигитален маркетинг и иновации во туризмот да дадат поддршка за промоција пред потенцијалните туристи кои се информираат претежно на интернет. Неизоставен дел од секој саем па и од овој се и средбите со тур-операторите од Шпанија кои се заинтересирани да ја додадат нашата земја во нивните понуди.
Овој интерес од пазар на којшто Македонија учествува за прв пат потврдува дека во вистинска смисла сме неоткриена туристичка дестинација за Шпанскиот пазар, што прави нашите очекувања за 2020 година да регистрираат голем раст на бројот на туристи од овој дел на Европа.

Директорот на АППТ, Љупчо Јаневски, ФИТУР го споредува со најголемиот саем за туризам во Германија – ИТБ.

“Според мене овој саем со својата специфичност е во рангот на Берлинскиот саем и има големо влијание во туристичката индустрија. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот продолжува со отворање на нови пазари за македонскиот туристички сектор со кои се приближува кон светските туристички трендови и воведува светски стандарди во промовирањето на дестинацијата. Со настапот на ФИТУР и фокусираната промоција АППТ отвора нови пазарни можности и очекува зголемување на Шпанските туристи и оваа година“, изјави Јаневски.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот оваа година за прв пат учествува на саемот за туризам во Мадрид, Шпанија, а одлуката за да се отвори овој пазар следи по неверојатниот пораст согласно месец ноември 2019 година од 60,9% во споредба со истиот период лани и 55,1% пораст во бројот на ноќевања за истиот период.