Шпанија воведува награди за издавачите на станови кои ќе ги намалат кириите

41

Шпанската Влада усвои предлог-закон со кој се предвидуваат награди за лицата кои издаваат станови, а ќе ја намалат киријата, како и поголем данок за тие кои имаат повеќе празни домови. Предлог-законот е дел од програмата за справување со станбената криза во земјата.

Предлог-законот предвидува даночни олеснувања за лицата кои издават станови и се подготвени да ги намалат цените за изнајмување за минимум пет проценти во областите со голема побарувачка за станови.

Регионалните влади ќе можат да прогласат висока побарувачка ако просечното домаќинство потроши повеќе од 30 отсто од нето приходот на кирии или хипотеки и сметки, или ако цените на недвижностите се зголемиле за повеќе од пет проценти. Владата предлага и враќање на данокот од 60 на 70 отсто на лицата кои првпат изнајмуваат недвижен имот и го издаваат на лица од 18 до 35 години.

Стапката на поврат на ДДВ ќе остане непроменета за лицата кои ги реконструирале или подобриле своите имоти во изминатите две години, а ќе се намали на 50 проценти за сите останати. Додека ќе се зголеми повратот на ДДВ за тие кои својот недвижен имот ќе го стават на располагање во програмата за субвенционирање на социјалните станови.

Луѓето кои поседуваат повеќе од четири станбени единици ќе мора да плаќаат повисок данок, ако еден или повеќе од нивните домови се празни две години.