Германија веќе со недели е окарактеризирана како „болесник од Европа“, поради нејзиното бавно економско закрепнување, но и се поголемото влијание што го чувствува целиот Стар континент.
Американскиот закон за намалување на инфлацијата беше посочен како посебна закана за германската економија, а во меѓувреме се покажа дека американската економија е многу поотпорна на кризата од европската и кинеската.
„Децениите на просперитет на Германија, кои ја наведоа да стане една од најголемите светски економии, привршуваат“, објави шпанскиот весник „Ел Паис“, повикувајќи се на ставови на аналитичарите.
Според бројките објавени од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во јули, Германија се прогнозира да биде единствената голема економија која нема да расте оваа година, со пад на нејзиниот БДП за 0,3 отсто.
Германскиот модел, како што весникот го цитира новинарот Волфганг Минхау, зависи од конкурентноста на трошоците, технолошкото лидерство во индустријата и геополитичката стабилност и „сите тие исчезнаа“.
– Она што сега се појави е кризата на цените на енергијата, новите геополитички поделби и технолошките шокови кои отвораат егзистенцијални прашања за иднината на германскиот модел – рече Минхау, додавајќи дека светот околу Германија е целосно променет.
Од раните 2000-ти, земјата ужива континуиран силен раст, поттикнат од високите стапки на вработеност и странската побарувачка од брзорастечките економии како Кина.
Германскиот производствен сектор, главниот столб на економијата, цвета од 2003 година, поттикнат од евтината енергија од Русија и евтината работна сила од Источна Европа.
Се очекува Германија да продолжи да се потпира на огромни нивоа на извоз и увоз, „но индустриите кои беа успешни во последните две децении, како што се хемикалиите и автомобилите, нема да ја имаат истата улога во иднина“, рече Клеменс Фуест директор на Институтот за економски истражувања Лајбниц (ИФО), за Ел Паис.