Штериева: Банките се претпазливи во однос на зголемувањето на каматните стапки

75

Банките се претпазливи во однос на зголемувањето на каматните стапки имајќи предвид дека драстичното и брзо зголемување може да влијае на способноста на кредитокорисниците за сервисирање на обврските, вели во интервју за МИА претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова-Штериева.

Во интервјуто, претседателката на МБА порачува секој кредитокорисник или депонент на средства во банка да посвети внимание на одредбите во договорот со цел да се избегнат недоразбирања или непотребна паника околу каматните стапки.

– Фиксните каматни стапки по дефиниција не се менуваат за периодот додека се фиксни и во тој случај нема потреба од вознемиреност. Но, многу е важно да се посвети внимание и да се видат одредбите во договорите, нагласува Стевкова-Штериева.

Банкарскиот систем, потенцира Стевкова-Штериева, е стабилен и добро капитализиран, а капиталот и резервите се покажаа како доволни за банките да се справат со досегашните предизвици. Повеќето од банките работат профитабилно со солиден раст на профитот остварен во првото полигодие од годинава.

– Согласно податоците објавени од страна на Народната банка со состојба од 30.6.2022 година, на годишна основа просечните каматни стапки на кредитите и депозитите на ниво на банкарски сектор бележат мал надолен тренд. Во јуни, просечната каматна стапка на вкупните кредити забележала минимален месечен пад од 0,01 процентни поени, а просечната каматна стапка на вкупните депозити се задржа на нивото од претходниот месец. Реакцијата на банкарските каматни стапки никогаш не била вака бавна и претпазлива. Јасно е дека во услови на инфлација мора да има зголемување на каматните стапки и дека сигналот на Народната банка е реакција на макроекономските и монетарните состојби во земјата. Сепак, банките се претпазливи имајќи предвид дека драстичното и брзо зголемување на каматните стапки може да влијае на способноста на кредитокорисниците за сервисирање на обврските, при што тоа посебно се однесува на населението, вели Стевкова-Штериева.