Штип ќе продава 80 градежни парцели во 2014 година

68

Согласно Програмата за располагање со градежно земјиште во сопственост на РМ, во 2014 година во Штип е предвидено да бидат огласени за продажба над 80 градежни парцели.
Како што напомена Тања Николова, соработник за градежно земјиште во Општина Штип, има доволна застапеност на парцелите по повеќе основи, доволен број и за индивидуално домување, за колективни станбени згради и за стопански објекти.
„Во 2013 година имавме неколку успешни огласувања и практично сето она што беше планирано се продаде. И во 2014 има локации за индивидуални објекти за домување кои се лоцирани во населбите Баби, Блок 2000 и Јужен реон 2, додека пак локациите за колективни станбени згради се планирани во населбите Сењак и Автокоманда. Што се однесува до стопанските објекти, предвидовме локации за продажба во зоните во населбите Балканска, во Баби и Македонка. Тоа ќе ја поттикне локалната економија, а успешната продажба ќе значи и прилив за општината, кои секако се враќаат назад кај граѓаните преку инвестиции во инфраструктура”, рече Николова.
Николова додаде дека во програмата се предвидени и градежни маркици за бензинска пумпа, детски градинки и други објекти.
Последната лицитација за градежно земјиште во Штип беше реализирана пред еден месец кога општината успеа да продаде над десетина локации од кои дури девет беа за куќи. Интересот кај граѓаните се зголемува имајќи во предвид дека за индивидуалните куќи почетната цена на лицитацијата е 61 денар за квадратен метар.