Штипскиот факултет ќе изврши истражување на некласична експлоатација на јаглен

51

Природно-техничкиот факултет при универзитетот Гоце Делчев-Штип ќе изврши истражување за некласична експлоатација на јаглен. Деканот на Природно-техничкиот факултет, Зоран Панов информира дека истражувањата се финансирани од страна на Фондот за научно-истражувачка работа на штипскиот универзитет.
“Тоа е воведување неконвенционални методи за експлоатација на јаглен. Знаете, проблематиката со енергијата во Македонија, па и пошироко е главна, има главен приоритет. Тоа е чисто еден иницијален проект да се воспостави ново истражување за експлоатација на јаглен со некласични методи, со подземна или површинска, туку една нова метода која е во зародиш во светот и е на ниво на истражување”, вели Панов.
Тој истакна дека вакви обиди за некласична експлоатација на јаглен се правени во Канада, Русија, Казахстан, а во земјава и на Балканот досега не се правени.
“Целта е со дупчење, со влезни и излезни дупчотини да се инјектира вода и воздух, да се натера јагленот само да се запали, да се контролира самозапалувањето. Она контролирано ослободување на гасовите, чадот, ЦО2 да се фатат ослободениот метан и водород, а водородот сите го сакат како чисто гориво и да го фатите во излезните дупчотини и да го користите понатаму како чист енергенс”, појасни Панов.
Според него, истражувањата со јагленот се специфични, бидејќи засега е столбот на македонската енергетика, а освен постојните рудници, појави на јаглен има во малешевскиот и пијанечкиот регион, потоа во катлановскиот, неготинскиот, струшкиот, кичевскиот регион и има индиции за истражување и во овчеполскиот регион.