Што е акционерско друштво?

5222

kancelariski-materijal-pexels

Фото: Pexels

Акционерско друштво (АД) влегува во групата на друштва на капитал, кај коишто е важен само вложениот капитал, а не се важни лица кои го инвестирале тој капитал. Во овој вид на трговско друштво акционерите учествуваат со влогови во основната главнина што е поделена на акции.

АД може да биде основано во сите видови на сопственост (државна, приватна, мешовита). Сопственичката структура на акционерското друштво е зависна од сопственоста на средствата што се вложуваат. Според Законот за трговски друштва, основачи на акционерското друштво може да бидат сите правни или физички лица, домашни или од странство.

Најмалиот номинален износ на основната главнина, без јавен повик за запишување на акции, изнесува 25.000 евра. Доколку АД се формира со јавен повик, минималниот износ на основната главнина е 50.000 евра.

Правата на акционерите може да се класифицираат во две групи. Во првата влегуваат оние права на акционерите што имаат имотен карактер: право на адекватно учество во добивката, односно право на дивиденда; право на дел од ликвидационата маса по исплаќање на сите обврски; право на првенствено купување на акции во случај на нова емисија на акции и право на располагање со акции во зависност од видот и решенијата на статутот на компанијата.

Во втората група спаѓаат права што произлегуваат од членување во друштвото, односно врз лични права: право на глас во собранието на акционери; право на избор во органите на друштвото; право на поставување прашања на органите на друштвото; индиректно право на контрола врз работењето на друштвото и право на судско побивање на одлуките на органите на друштвото.

Еден од важните елементи на секое АД е собранието на акционери. Улогата на собранието на акционери е мошне важна во остварување на правата и заштитата на интересите на сите акционери без разлика на обемот на акциите што ги поседуваат.

Едно АД може да престане со работа доколку: истече времето определено со статутот; е донесена одлука на собранието за престанување на друштвото со мнозинство гласови; правосилна одлука на судот; присоединување, спојување или поделба на друштвото како и стечај.