Што е амбалажа?

2091

Амбалажата ја претставува “облеката“ на производот, односно неговото пакување што служи за чување, транспорт и продажба. Станува збор за обликуван материјал што овозможува заштита на производот од надворешни влијанија во текот на складирање и транспорт.

Амбалажата за производителот претставува своевиден медиуми за презентирање на сопствениот бренд, по којшто се разликува од конкуренцијата на пазарот. Производителите се внимателни при изборот на соодветна амбалажа во зависност од видот на производот, но исто толку внимание се обрнува и на нејзиниот дизајн. Амбалажата дава информации за видот на производот, неговите карактеристики, рокот на траење, цена… Со нејзина помош, производот е хигиенски заштитен и овозможува лесна употреба.

Податоците говорат дека индустријата што се занимава со пакување на прехранбени продукти минатата година достигна вредност од 293 милијарди долари, а до 2025 година се очекува да се зголеми на 423 милијарди долари.

Како и во сите други дејности, така и во индустријата за производство на амбалажа се појавуваат нови трендови, што влијаат на позицијата и претставување на производот. Во последно време сè позначајна е и сè почесто се користи електронската трговија, па од таа причина се менува и начинот на пакување и означување на производот. Во овој момент е актуелен трендот што овозможува персонализација на пакувањето и прилагодување на секој купувач индивидуално.

Она што е важно во последно време е да се внимава на еколошкиот импакт што го има амбалажата. Тоа значи да биде направена од природни материјали, да не ја загадува околината и да дава можност за рециклирање.

Фото: Pixabay