Што е анализа на финансиски извештаи?

1030

analiza

Фото: Pixabay

Анализата на финансиски извештаи претставува исцрпна анализа, истражување, квантифицирање и оценка на финансискиот статус и успешноста на работата на компанијата.

Предмет на анализата е годишниот извештај, којшто ги содржи билансот состојба, билансот на успех, извештајот за парични текови, извештајот за промена на капиталот, ревизорскиот извештај и белешките кон истиот.

Корисници на резултатите од финансиската анализа се: акционерите (постојните и потенцијалните), доверителите, менаџерите, вработените, купувачите, потенцијалните инвеститори, добавувачите, државата…

За нив не е важно само да знаат да ги читаат финансиските извештаи, туку и да знаат како да ги анализираат информациите и да добијат реална слика, врз чија основа ќе донесат соодветна одлука. Финансиската анализа овозможува брз и едноставен увид во финансиската состојба на претпријатието и споредување на различни финансиски позиции.

Основни показатели во финансиската анализа се показателите за ликвидност, ефикасност, финансиска структура, рентабилност, пазарна структура.

Биланс на состојба

Билансот на состојба претставува финансиска “фотографија“ на состојбата во којашто се наоѓа претпријатието во одреден временски период. Тој се состои од два основни елемента: актива и пасива, коишто мора на крајот на се изедначени. Во активата се сместени средствата со кои што располага: постојани и обртни, материјални и нематеријални… Од другата страна се изворите од каде што е финансирана активата на компанијата – основен капитал, сопствени средства, кредити, обврски кон добавувачите…

На пример, доколку компанијата во својата продавница има производи во вредност од 1.000.000 денари, тој износ треба да стои во активата на билансот. Доколку на име на овие производи, компанијата на своите добавувачи им должи 900.000 денари, а на банките 100.000 денари, тогаш овие средства (во форма на извори на средства) ќе се најдат во пасивата на билансот на состојба.

Биланс на успех

Додека кај билансот на состојба е важно двете страни да се изедначат (средства = извори на средства), кај билансот на успех тоа не е случај. Овој финансиски извештај е детален преглед на сите приходи и расходи што ги остварила компанијата во одреден временски период и го прикажува крајниот резултат (добивка или загуба).

Компанијата може да остварува приходи од продажба, од редовно работење и финансиски приходи. Од другата страна се наоѓаат расходите, коишто значат одлив на финансии од компанијата. Доколку приходите се поголеми од расходите, компанијата остварила позитивен финансиски резултат – профит, а доколку расходите ги надминуваат приходите во тој случај станува збор за загуба.

Извештај за промена на капиталот

Станува збор за посебен дел од финансиските извештаи, во којшто се прикажуваат податоци за промените (зголемување или намалување) на сопствениот капитал на компанијата во одреден временски период. Може да содржи информации за капиталните трансакции (дополнителни вложувања или повлекување на инвестициите на сопственици во компанијата), состојбата на акумулираната добивка или загуба, движењата на секоја од класите на акционерскиот капитал…. Целта на овој извештај е да се утврди дали има промена во капиталот на компанијата.

Извештај за паричните текови

Овој извештај се темели на износот на пари и парични еквиваленти и го прикажува нивниот тек. Со овој извештај се оценува способноста на компанијата за остварување на позитивен паричен тек. Секоја компанија остварува парични текови од три основни видови на активности: деловни, инвестициски и финансиски. Со еден збор, овој извештај се занимава со анализа на паричните текови во и од претпријатието.