Што е аутсорсинг (outsourcing)?

2778

Во бизнис светот се појавуваат различни поими коишто имаат широка примена и за кои не постои стандарден превод со еден збор. Еден од нив е поимот аутсорсинг – (outsourcing).

Терминот значи користење на надворешни извори (ресурси или фактори) во работењето. Тоа се случува кога компанијата е во развоен стадиум и има потреба од “издвојување на споредни дејности“ од оние коишто се клучни или поважни, за коишто може да се најде изведувач или извршувач на услугата надвор од самата компанија.

Од друга страна, компанијата којашто бара минимизирање на трошоците со цел да ја зголеми ефикасноста, може да се потпре на таканаречената outsourcing стратегија. Преку оваа стратегија, компанијата може да ги користи услугите на најдобрите професионалци во одредена дејност, чијашто цена се поклопува со финансиската буџетска рамка.

Во пракса, доколку компанијата работи на одреден проект најисплатливо е да ангажира надворешни соработници и експерти кои ќе бидат ангажирани додека трае проектот. По неговото завршување, доколку нема потреба, компанијата нема никаква обврска за вработување или дополнителни трошоци за овие лица.

Еден од најчестите форми на таканаречено аутсорсирање е IT outsourcing, во компании во коишто информатичките технологии не се примарна дејност. Поради тоа тие склучуваат договор со надворешна IT компанија, којашто би можела да дава целосна информатичка поддршка.

Главните предности од користењето на outsourcing услугите се: намалување на трошоците, поефикасно извршување на одредени задачи и активности, овозможува побрз влез на одреден пазар побрзо од конкуренцијата и ја максимизира флексибилноста на работната сила овозможувајќи пристап до врвни професионалци.

Како предизвици коишто компанијата треба да ги има предвид кога планира да користи надворешни услуги се: неподготвеност на компанијата соодветно да ги реши сите крупни проблеми со новите соработници, намалена кондиција во следењето на новите знаења и технологии, кои по правило чинат многу, опасност преку outsourcing да се “одлеат“ некои важни информации од компанијата, погрешен избор или проценка на партнерите што ќе аутсорсираат…

Фото: Pixabay