Еден ден по Денот на благодарноста, кога и неофицијално започнува божикната шопинг “треска“, во светот е познат како Црн Петок или Black Friday. За прв пат се среќава на крајот на 19-от век кога американскиот претседател Абрахам Линколн за Ден на благодарноста го прогласи секој последен четврток во месец ноември.
Но, во тој период ова шопинг лудило не го носеше името Black Friday, бидејќи тој поим се поврзуваше со 24-ти септември 1869 година, кога двајца шпекулатори направија вистински бум на пазарот на злато во Америка.
Black Friday добива на популарност во текот на 50-тите и 60-тите години од минатиот век во САД. Во текот на тој период, голем број луѓе земале слободен ден по Денот на благодарноста, со што добиваат продолжен викенд од четири дена. Па, многумина од нив го користеле тој ден да заминат на шопинг. Претпоставените во компаниите, наместо да им ја намалат платата на оние кои тој петок користеле слободен ден или земале боледување, тие почнале да го пресметуваат како платен ден од одмор.
Веќе во 60-тите години, Black Friday се покажува во вистинско светло. Денот е наречен “црн“, бидејќи голем дел од трговците кои мака мачеле со “минусот“ во работата и условно биле во “црвена“ зона, тој петок поради зголемена продажба тријат раце од профитот и се наоѓаат во “црна“ или побезбедна зона.
Трговците го осознаваат потенцијалот и почнуваат да организираат големи попусти на нивните производи. Голем дел од продавниците за време на Black Friday се отворени уште во пет часот наутро, кога започнуваат да се создаваат долги колони од нетрпеливи купувачи, кои сакаат да ги искористат попустите што достигнуваат и до 90%.
Со развојот на технологијата и појавата на електронска трговија, голем е бројот на потрошувачи кои ги користат попустите од Black Friday и наместо да се туркаат во продавниците, тие од удобната фотелја во својот дом си купуваат онлајн.
Иако традицијата за Black Friday започнува во САД, денес тој ден е популарен и во: Канада, Велика Британија, Јужна Африка и голем број земји од Европа.