Што е дивиденда?

3745

dividenda

Фото: Pixabay

Дивидендата претставува дел од профитот на компанијата што акционерот ја добива на основа на сопственоста на акциите, а чија висина се одредува на собрание на акционери во зависност од остварениот финансиски резултат.

Менаџментот на компанијата може да донесе одлука како ќе се распореди остварената добивка – задржување заради реинвестирање или исплата на дивиденда на имателите на акции.

Средствата наменети за исплата на дивиденда доаѓаат од билансот на успех, поточно од ставката нето добивка. Дивидендата може да се исплати само од остварената нето добивка, односно најмногу во износ којшто не ја надминува вкупно остварената нето добивка искажана со годишната сметка и со финансиските извештаи, зголемена за пренесената нераспределена добивка од претходните години или со резервите кои можат да се распределуваат.

Правото на дивиденда се разликува во зависност од тоа дали станува збор за обични или приоритетни акции. Исплатата на дивиденда за обичните акции целосно зависи од одлуката на собранието на акционери на компанијата, додека исплатата на дивиденда за приоритетните акции е задолжителна, во зависност од класата на приоритетни акции.

Според класата, приоритетните акции можат да бидат кумулативни и партиципативни. Кумулативна приоритетна акција на сопственикот му дава право на наплата на акумулираните неплатени дивиденди пред наплатувањето на било какви дивиденди на сопственикот на обични акции, додека партиципативната приоритетна акција му дава на сопственикот, покрај утврдена фиксна дивиденда, право на исплата на дивиденда којашто им припаѓа на сопствениците на обични акции. Кај приоритетните акции, исплатата на дивиденда може да се врши на однапред утврден паричен износ или како процент од номиналниот износ на акцијата.

Кога станува збор за обичните акции, висината, начинот и времето на исплата на дивиденда зависи од одлуката на собранието.

Акционерите на годишното собрание на компанијата одлучуваат за распоредување на добивката, при што во одлуката се прикажува секоја поединечна намена на добивката, вклучувајќи го и износот којшто се исплатува во вид на дивиденда, датумот на евиденција според којшто се определува листата на акционери кои имаат право на дивиденда, планот за исплата на дивиденда, денот на исплата на дивиденда и начинот на којшто компанијата ги известува акционерите кои имаат право на дивиденда според донесената одлука.