Што е first, а што last minute?

170

First minute (рана резервација) и last minute (резервација во последен момент) се поими што често ги користат туристичките агенции во понуда на своите аранжмани. Двете понуди иницираат пониска цена на туристичкиот аранжман, а тоа намалување најчесто е од пет до 30%.

Доколку порано го резервирате својот летен или зимски одмор, тоа значи дека го резервирате во first minute. Оваа понуда најчесто се креира во овој момент за следната сезона, во случај на рана резервација на хотел, апартман или друг вид на сместување. Најчесто сите аранжмани што ги нудат агенциите не се вклучуваат во first minute понудата. На пример, една хотелска соба за двајца за зимување се нуди на почетокот на летниот период по цена што е околу 20 до 30% пониска од онаа што важи кога е во ек сезоната.

Last minute, пак, е понуда што туристичките агенции ја користат за да ги пополнат “дупките“ во календарот на слободни соби или апартмани во текот на сезоната. Се нуди цена со попуст за оние кои ќе одберат точно утврден термин со многу краток период на резервација. Оваа понуда се користи и да се продадат преостанати термини вон сезона, на пример кога се работи за летен аранжман – за септември или октомври.

Last minute е повеќе популарен меѓу помладите туристи, бидејќи тие сè почесто букираат во последен момент, пребарувајќи токму такви аранжмани.

Една од основните разлики меѓу рана и резервација во последен момент е тоа што кај last minute гостите го резервираат она што е останато, додека кај first minute имаат поголема можност за избор.

Фото: Pexels