Што е маркетинг?

7814

ilustracija-pixabay

Фото: Pixabay

Во теоријата постојат низа дефиниции што имаат за цел да објаснат што е тоа маркетинг. Едно е сигурно, а тоа е дека маркетингот е многу повеќе од само реклама и промоција на одреден производ или услуга. Според Филип Котлер, еден од најважните маркетари во светот, маркетингот претставува општествен и управувачки процес којшто преку создавање, понуда и размена на производи од вредност со другите, поединците и групите го добиваат она што им е потребно или што сакаат.

Маркетингот ги опфаќа сите оние активности што компанијата ги презема кога создава сопствен бренд. Тоа подразбира комуникација со клиенти, создавање визуелен идентитет на она што се нуди на пазарот, однос меѓу вработените во компанијата, клиентите, соработниците и добавувачите, каналите на дистрибуција на производот или услугата, промоција, градење стратегии за освојување нови пазари…

Маркетингот не значи само продажба, туку неговата филозофија ќе ви помогне да привлечете купувачи, потенцијални домашни и странски партнери, потрошувачи кои ќе се навикнат на вашиот производ или услуга, градење долгорочни релации засновани на доверба и соработка. Со соодветна маркетинг стратегија, компанијата секогаш ќе знае да ги задржи постојните купувачи и да биде отворена и достапна за нови.

Ниту еден претприемач не смее да се фокусира само на производот (неговите карактеристики, начин на производство, користење на нова технологија, инволвирање обучен кадар), туку мора да внимава и на тоа како се позиционира на пазарот, што сака да постигне, до која група на потрошувачи сака да допре, на кој начин да го спроведе тоа и како да се одржува на посакуваното ниво.

Маркетинг концептот има четири основни елементи, околу коишто се градат сите важни пазарни стратегии и активности: производ, цена, дистрибуција и промоција.

Производот е фундаментот на којшто ќе се градат сите маркетинг и деловни активности. Неговата главна цел ќе биде задоволување на одредени потреби на клиентите, решавање на нивни проблеми… Производот мора да обезбеди минимум од она што се ветува, во спротивно сите елементи од маркетинг миксот ќе пропаднат “во вода“.

Цената треба да има неколку основни карактеристики – да ги покрива направените трошоци за производство на производот или услугата, да ги опфати сите индиректни издатоци и на крајот да ја обезбеди неопходната маржа. Доколку компанијата на погрешен начин ја утврди цената на она што го нуди на пазарот (премногу висока или премногу ниска), може уште веднаш да ги почувствува последиците.

Дистрибуцијата ги претставува сите оние канали преку коишто производот или услугата што се нуди ќе им бидат достапни на потрошувачите. Различни производи и услуги имаат специфични барања во поглед на тоа како и каде ќе се продаваат, дали ќе се користи директна продажба, продажба преку посредници, преку Интернет, телефон…

Промоција е збир од активности што се прават за да може производот да биде познат и препознатлив на пазарот. Меѓу поважните алатки на промоцијата се: огласување, рекламирање, кампањи, наградни игри, спонзорства и слично. Сите овие елементи на промоцијата помагаат за поголема видливост, популарност и препознатливост на производот или услугата.

Кога претприемачот или маркетарот успее да направи вистинска комбинација од овие четири елементи, во тој случај може да биде сигурен во успехот на пазарот на долгорочна основа.