Што е пострашно – инфлацијата или рецесијата?

168

Економијата на САД моментално се движи на „работ на жилет“ и потенцијално веќе е во рецесија по втор последователен квартал на намалување на активноста. Но, макроекономските показатели се сè уште мешани и ја поттикнуваат неизвесноста на пазарните учесници.

Во срцето на дебатата меѓу економистите, креаторите на политиката и централните банкари е фундаменталното прашање што е полошо – инфлацијата или рецесијата?

И според сите сметки, се уште нема недвосмислен одговор, пишува Си-Ен-Ен.

Со агресивното зголемување на каматните стапки, Банката на федерални резерви сугерира дека потенцијалната рецесија вреди да се ризикува доколку успее да го „олади“ растот на потрошувачките цени, кој го забележа своето најсилно темпо во последните четири децении.

Многу економисти и аналитичари не се согласуваат со оваа идеја, тврдејќи дека таканареченото „лекување“ на инфлацијата преку рецесија би бил многу полош од самата „болест“.

Се разбира, ФЕД би сакал да ги избегне и двете. Централните банкари се стремат кон таканаречено „меко приземјување“, каде што зголемувањето на каматните стапки е доволно за да се забави побарувачката, но не и целосно да се задуши. Тоа би бил идеалниот исход, иако дури и според Федералните резерви, изгледите за такво меко приземјување стануваат сè потешки.

„Досегашните дејства на ФЕД не гарантираа рецесија, но ја направија поверојатна“, изјави за Си-Ен-Ен Џош Бивенс, директор на Институтот за економска политика.

Сега постојат две веројатни сценарија – поголема инфлација каква што видовме во изминатата година или рецесија што ги намалува цените, но исто така ја зголемува невработеноста и го запира растот на платите. Што од ова е попожелно?

Аргументите за инфлација

Џош Бивенс е еден од застапниците на тезата дека високата инфлација можеби е лоша, но рецесијата е секако полоша. Неговиот главен аргумент е поврзан со нејзиното влијание на пазарот на трудот.

„Рецесија всушност значи дека економијата во просек ќе биде посиромашна отколку порано“, објаснува тој.

Инфлацијата очигледно ги јаде платите на луѓето и тоа е лоша работа. Потрошувачките цени во САД се зголемија за околу 9% минатиот месец на годишна основа, додека платите се зголемија за само 5,3%. Но, според Бивенс, „рецесиите ги намалуваат платите многу посигурно отколку инфлацијата“.

Еден од главните аргументи на нејзините противници е дека инфлацијата е придружена со психолошки проблем. Штом идејата за постојано зголемување на цените ќе се вметне во психата на потрошувачот, може да создаде самоисполнувачки циклус кој е тешко да се прекине.

Според Бивенс, сепак, тој момент се уште не е постигнат. Во Соединетите Држави, инфлацијата се одржува стабилно на околу 2% годишно во поголемиот дел од последните четири децении. Поради ова, луѓето генерално не очекуваат дека сегашните стапки на инфлација од околу 9% ќе продолжат долго.

„Мораме да ги искористиме тие очекувања и таа доверба“, вели Бивенс.

Сенаторката Елизабет Ворен е уште еден истакнат поддржувач на проинфлаторните политики. Таа тврди дека основната причина за тековната инфлација, вклучително и хаосот во синџирот на снабдување предизвикан од пандемијата и војната во Украина, е далеку надвор од надлежноста на Федералните резерви.

„Повисоките каматни стапки нема да го поправат растот на цените на енергијата и нема да ги разбијат корпоративните монополи за кои дури и претседателот на ФЕД Џером Пауел во јануари призна дека ги зголемуваат цените само затоа што можат“, напиша Ворен во авторски текст за The Wall Street Journal.

Кога Федералните резерви ги зголемуваат каматните стапки, тоа го прави поскапо за граѓаните и бизнисите да позајмуваат пари. Ова ги тера сите да трошат помалку. Бизнисите го забавуваат вработувањето, ги намалуваат работните часови или отпуштаат работници бидејќи побарувачката се намалува.

Според Елизабет Ворен, „ова ќе остави милиони луѓе – работници со несразмерно пониски плати и обоените луѓе – со пониски плати или воопшто без плати“.

Аргументите за рецесија

Во противничкиот табор тврдат дека рецесиите, иако не се идеални, не се нужно катастрофални, па дури и можат да бидат здрави.

Тие ги посочуваат 1970-тите како пример, кога инфлацијата вонконтрола се искачи на рекордни 14% во 1980 година. Како резултат на тоа, беа потребни болни зголемувања на каматните стапки и две постојани рецесии во раните 1980-ти, надгледувани од тогашниот претседател на ФЕД, Пол Волкер, за да се прекине циклусот на инфлација.

„Сега се претпочита блага рецесија од тешка рецесија во стилот на 1980-тите, која ќе биде потребна за да се потисне инфлацијата доколку очекувањата се остварат“, објаснува економистот Ноа Смит.

Исто така, не се сите рецесии исти. Соединетите Американски Држави поминаа низ 34 рецесии од 1857 година, што прави околу една на секои пет години, според Националното биро за економски истражувања. Секоја од нив трае во просек по околу 17 месеци, што значи дека во последните години, од почетокот на 21 век, САД успеаја да избегнат многу економски падови.

„Луѓето имаат тенденција да простуваат благи рецесии, но навистина негодуваат за високата инфлација“, пишува Смит.

Според Лакшман Ачутан, ко-основач на Институтот за истражување на деловниот циклус, кој одредува датуми за рецесија за 22 економии ширум светот, економските падови понекогаш може да се сметаат за добра вест.

„Рецесиите можат да бидат прочистувачки настани за економијата како целина, принудувајќи ги неефикасните гиганти да излезат од бизнисот и правејќи простор за попргави конкуренти кои можат подобро да ги задоволат потребите на клиентите. Овој пат, економијата се промени доволно од пандемијата што неизбежно ќе отвори нови деловни можности“, рече тој за Си-Ен-Ен.

Заклучоците

Дали САД се веќе во рецесија или сè уште не е дебата која повеќе зависи од терминологијата и макроекономските детали. Има многу знаци дека економијата се лади – побарувачката за станови паѓа, како и довербата на потрошувачите.

Во повеќето рецесии, федералниот стимул е типичен начин за поддршка на економијата и враќање на довербата на потрошувачите. Но, сега веројатно нема да се појават овие финансиски „спасови“, бидејќи за време на пандемијата тие веќе беа користени во огромен обем.

„Ако централната банка и институциите мислат дека треба да имаме рецесија затоа што потрошивме премногу во 2021 година, тоа води до сомнеж дека овојпат нема да има финансиски олеснувања. Мислам дека оваа политика е голема грешка“, рече Бивенс.

А дали неговите стравови се оправдани веројатно ќе стане јасно многу брзо.