Regtech претставува процес на управување со регулаторните процеси во финансиската индустрија. Британското финансиско регулаторно тело (Financial Conduct Authority) ја даде првата дефиниција за тоа што претставува regtech – сегмент од fintech, којшто е фокусиран на технологии што би можеле да помогнат во ефикасно задоволување на регулаторните барања од постоечките можности.
Како поим доаѓа од зборовите регулатива и технологија, а се однесува на било која технологија што може да им помогне на компаниите да ги исполнат регулаторните норми. Многу често се однесува на софтвер што им помага на компаниите да ги исполнат финансиските регулативи.
Како реакција на светската економска криза од 2008-ма година, законодавците ширум светот забрзано ја менуваа регулативата со цел да се спречат такви слични кризи во иднина. Од тоа произлегоа бројни строги правила и ригидни прописи коишто компаниите мораа да ги почитуваат и применуваат во нивната работа. За таа имплементација се појавија најразлични трошоци: консултанти, менување на работни навики и методи, развој на нов софтвер, парични казни за непочитување…
Од друга страна, технологијата постојано напредува и продира во сите пори од нашето живеење, па многу fintech компании почнаа да развиваат решенија што треба да ги ублажат притисоците од новите регулативи, законски решенија и на тој начин се создава простор за развој на regtech.
Една од основните предности на regtech е ефикасно и евтино извршување на сите решенија и промени во регулативата, а неговата способност за интеграција на новите решенија значи и брзо ажурирање на системот и негова подготвеност за работа.
Фото: Pexels