Солемнизација претставува потврдување приватна исправа од страна на нотарот, односно давање правна сила на приватна исправа.
Преку оваа правна работа, нотарот со своја заверка на приватната исправа ѝ дава сила на јавна исправа, односно потврдува дека содржината на исправата е во согласност со волјата на договорните страни и дека тие своерачно ја потпишале.
Нотарот, како што се наведува во Прирачникот за потрошувачи на Нотарската комора на Македонија, ќе ја солемнизира приватната исправа единствено ако таа ги содржи елементите и формата што се пропишани со закон. Во обратен случај, нотарот нема да ја завери (солемнизира) исправата ако: содржината на исправата е недозволена според закон; се сомнева дека нејзината содржина е привидна или дека се презема заради избегнување законски обврски или противправно оштетување на трето лице; од исправите на лицата гледа дека страна на правната работа е лице за кое знае или е должен да знае дека поради малолетство или друга законска причина не може полноважно да заклучува правни дела, освен, по исклучок, кога во постапката за заверка учество законскиот застапник на тоа лице и ако постојат сите други потребни согласности.
На пример, при склучување на договор за кредит, еден од чекорите е и негова солемнизација. Тоа е постапка со којашто нотарот го потврдува договорот за кредит. Од една страна, нотарот проверува дали договорот е составен во пропишана форма, а од друга страна на странките им ја објаснува смислата и последиците од тој договор.
“Приватната исправа задолжително треба да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис доколку се работи за правна работа со вредност над 10.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, освен доколку една од странките е Република Македонија. Доколку се потврдува приватна исправа чија вредност е под 10.000 евра, каде една од странките е банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, приватната исправа не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, а доколку вредноста на правната работа е над 10.000 евра, едната страна е должна да обезбеди адвокатски печат и потпис“, стои во Законот за нотаријат на Македонија.
Приватната исправа, којашто е потврдена односно солемнизирана, има својство на јавна исправа.
Фото: Pixabay