Што е стапка на вкупни трошоци (СВТ)?

1593

Доколку имате потреба од кредит, ја разгледувате понудата на банките и правите споредба, сигурно сте забележале една кратенка СТВ и се прашувате за каква стапка станува збор.

СВТ е кратенка од стапка на вкупни трошоци и претставува дисконтна стапка изразена на годишно ниво како однос на вкупните трошоци на кредитот и вкупниот износ на кредитот (изразена со две децимали).

Доколку се предвидени во договорот за потрошувачки кредит, во оваа стапка можат да се вклучат следниве видови трошоци (провизии):

  • за обработка на барање за кредит,
  • за одобрување кредит и за администрирање на кредитот,
  • за чување на инструментот за обезбедување,
  • провизии и надоместоци поврзани со задолжителни дополнителни услуги поврзани со потрошувачкиот кредит и сл.

Во пресметката на СВТ не се вклучуваат трошоците поврзани со: неисполнување или доцнење со исполнување на обврските од договорот за потрошувачки кредит, трошоците за осигурување или гарантирање на кредитот коишто не претставуваат задолжителни дополнителни услуги (од нив не зависи одобрување на кредитот), нотарските трошоци и сл. Доколку има дополнителни трошоци коишто не ѝ се познати на банката, таа е сепак должна да ве запознае со видот на трошоците, без наведување на износот.

Стапката на вкупните трошоци за потрошувачките кредити коишто ги одобруваат банките во практиката е неколку процентни поени над договорната каматна стапка утврдена во договорот за кредит. СВТ за потрошувачките кредити од банките и финансиските друштва не може да го надмине петкратниот износ од стапката на законската казнена камата утврдена согласно со Законот за облигационите односи за договорите во кои барем едното лице не е трговец, стои во брошурата Финансиски услуги на Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Фото: Freepik