Што е storytelling?

177

Storytelling претставува маркетинг концепт што гради врска меѓу брендот и купувачот со помош на порака што се испраќа преку одредена приказна, што претходно е добро осмислена и насочена кон целната група.

Приказната треба да биде суптилна, да ги одразува вредностите на брендот, да ги поврзува желбите и потребите на целната група на потрошувачи и на тој начин да се изгради силна врска меѓу брендот и купувачите.

Компанијата којашто сака на тој начин да го претстави својот производ или услуга и да допре до купувачите треба да направи внимателен избор за приказната. Тоа е така бидејќи со овој концепт, не само што брендот ќе стане уште попрепознатлив, туку за лојалните купувачи ќе биде првиот избор при купување.

Во маркетингот, storytelling-от или раскажувањето на приказни дава подобри резултати, бидејќи луѓето по природа полесно реагираат на приказни одошто на бројки. Исто така, приказните им се врежуваат во меморијата, подолго ги паметат и така можат полесно да ги одвојат од сè она што им се пласира како информација на дневна основа.

Градење на добра приказна е вистински предизвик за секој copywriter, бидејќи не е само реклама, туку роман во џебно издание, краток филм или друг облик на приказна што ќе треба да остави голем впечаток. Важно е да се одбере еден или повеќе главни ликови кои ќе бидат компатибилни со производот што се нуди, но и со преференциите на целната група.

Можеби се прашувате за кои бизниси е најсоодветен storytelling? Маркетинг експертите велат дека не постои бизнис кому не би му дошло добро една приказна по којашто ќе биде препознатлив, поинаков, одвоен од конкуренцијата, со солидна база на лојални купувачи… Па така, маркетинг низ приказна може да се користи во различни области, а материјали за приказни може да се најдат насекаде околу нас. Она што е најважно е да се биде истраен и мудро да се поделат улогите. Бидете внимателни, бидејќи иако вие ја почнувате приказната, не треба вие да сте главниот лик. Затоа, оставете потрошувачите да ја водат приказната, нивните желби, потреби, специфични барања…

За да биде успешен storytelling-от, односно да направите и создадете одлична приказна, потребни ви се: главни ликови, предизвик и решение, односно вовед, заплет, кулминација и расплет.

Фото: Pexels