Полека ни станува навика да ги купуваме сите потребни намирници за дома од големи маркети. Маалските продавници ни служат за купување на ситници. Сепак, не можеме да го замислиме секојдневието без нивното постоење, посебно затоа што ни го земаат и последниот денар.
Добро е да ја знаеме разликата меѓу супермаркет и хипермаркет во смисла на нивниот капацитет, што имаат во понудата…
Супермаркет претставува голема продавница каде купувачите сами си ги одбираат производите што сакаат да ги купат. Вообичаено, се прави добра организација на просторот за да може слични производи за иста намена да се најдат на едно место. Така, купувачите полесно може да се снајдат при купување, но понекогаш и да го купат она што не им е толку многу потребно.
Од друга страна, хипермаркетите се одликуваат со поголем простор и поширок асортиман од оној што го има во супермаркетите. Освен намирници, средства за лична хигиена, во хипермаркетите може да се најдат и електронски производи, мебел и слично.
Супермаркетите се уредуваат за да може да го привлечат вниманието на потрошувачите и тие да се чувствуваат удобно и пријатно додека пазаруваат. Се внимава на изборот на бои, распоред на рафтови, фрижидер, каси и слично.
Кај хипермаркетите, во преден план се става широкиот асортиман на производи, кај нив поважна е функционалноста, како и пространоста за да можат купувачите добро да разгледаат што им се нуди. Наликуваат дури и на складишта, поради големиот број на производи што ги нудат.
Меѓу главните разлики што ги одвојуваат супермаркетите од хипермаркетите се цените. Во супермаркетите тие се на пазарно ниво, а во хипермаркетите се наоѓаат производи по дисконтни или пониски цени.
Според трговската логика, основната цел кај супермаркетите е поттикнување на поголема продажба, а со тоа и остварување на поголем профит, додека кај хипермаркетите во преден план се става штедењето, пониските цени, ефикасноста и едноставноста на понудата.
Фото: Pexels